недела, 26 април 2009

Охрид, август 2008


Прв ден
Во Охрид сум за одмор прв пат по 25 години. Се некако одиме за викенди и семинари, ама годинава решивме да одиме и за одмор. Иако некои делови од градот можеш и да не ги познаеш, друго ништо не е променето. Паркираме во хотел кај Св. Стефан, уште не излезени од кола - кога доаѓа чичко и не брка од паркингот. Не бил за нас. Седевме едно 15 дена, никој никогаш не се паркира на тој паркинг оти чичкото по цели денови стоеше тука и ги бркаше сите што сакаа да го сторат тоа! Зошто, како, кој го плаќаше, никогаш не сфативме. Ги фрламе работите во соба и одма одиме во град да купиме карти за Охридско лето. Вечерва има и претстава и концерт и сакаме да ги гледаме и двете. Еее, не може. Наместо, како што стои во програмата, претставата од 21.00, концертот од 22.30, ги смениле и сега и двете почнуваат во 21.00. Па, бирај! Добро. Одиме на претставата. Купуваме карти што чинат милион денари и влегуваме. Место ни за лек. Не помогна ниту не толку љубезниот повик на еден човек - сите со гратиси да станат за да седнат прво тие со карти. Никој не стана. Си ја отстоивме цела претстава. Се враќаме скапани во хотел и викаме, ај да се напиеме по една пијачка, на масите надвор. Порачувам сечена водка со швепс. Келнерот само ме погледна, се насмеа и ми вели: -Ааа, не. Ние не сечеме. Јас ќе ви донесам посебно водка посебно швепс, а вие сами сечете, праите што сакате! -Доообро, му велам и се обидувам да се опуштам.

Прв впечаток од плажата
Одиме на плажа, цели уплашени дека нема да најдеме ни чадори, ни лежалки. И навистина, плажата - како од филмови! Луѓето еден врз дргу, нема место некој да се испружи, туку само да седи. Арно ама, лежалките и чадорите што се изнајмуваат - празни. Супер. Седнуваме на две, уште не земавме здив кога, доаѓа едно дете и вика - 400 денари. Молам?!
Плаќаме и викаме, ќе седиме цел ден за да ни се исплати. На плажата, има што да видиш. Десетина музики маваат на цел глас од секое шупиче кое божем е штосна плажна колиба од слама и од секоја приколка која служи како офис на тие што изнајмуваат разно-разни нешта. Улицата над плажата е како од најстрашните хорор филмови. Долж целата улица има едно 20 приколки на кои пишува „лесковачка скара“ и кои работат турбо 24/7 (за ова има посебно поглавие подолу!). На плажата - никој не чита. Никој. Можеби затоа кој и да помине се сопнува загледувајќи се во нас, со целата наша подвижна библиотека. По Грција или на други места, по плажите - буквално да те фати срам ако не прочиташ најмалку 50 страници дневно, оти британчето до тебе секој ден доаѓа со по една нова цигла од книга. А овде те фаќа срам, ама од тоа да не помислат дека нешто изиграваш со книгиве на плажа. Не сум знаел дека Македонците на плажа доаѓаат со пола куќи со себе! Јадење, пиење, термоси, кафиња, столици, маси, душеци, топки, фрижидерчиња - едвај се донесуваат. И, што се случува. Доаѓаат по едно 10-15 луѓе заедно, 20 минути се распостилаат, и додека се намачкаат, ги испособлечат и ги испокараат децата - им останува уште едно 15 минути за палжа и ајдееее - назад во хотел на ручек. И, што за мене беше несфатливо - повторно носат се назад! Повторно се се пакува и се зема со себе. Да е бељата поголема, сега не ги издишуваат душеците и топките, туку такви напумпани, со сите други работи со себе, ги враќаат назад. Сакав да прашам, ама некако сфатив дека не е моја работа - зошто не ги оставаат барем чадорите, душеците, пешкирите на плажата, кога по саат-два повторно ќе се вратат?! Попладнето - истата церемонија. Отпакување, соблекување, мачкање, викање, и таман се тоа завршило - ајдееее, назад на вечера. И пак почнува пакувањето. Ми стана појасно кога еден ден останавме цел ден во хотел, оти толку изгоревме дури и под чадори што не смеевме веќе да се појавуваме на сонце. Хотелот беше полн, и како никој да не одеше на плажа. Ќе ги снемаше на малку сабајле и на малку попладне, ама главно се живееше по цел ден на терасата. Тука се трчаше, се дереше по децата, се играше карти, и што ти не.

Плажа
Значи, на плажа никој не чита. Некој знае да реши по некој крстозбор, и - главна занимација е буљење наоколу и играње карти. Уште една интересна работа. По две, три семејства - сите се собрани под еден чадор. Жени врз мажи, децата врз нив, така јадат, така седат, така играат карти - се е еден преку друг. Ми стана интересно и отидов да прашам во продавницата над нас. Еден чадор за сонце, од поубавите, чинеше 500 денари. А, и уште нешто. Како на цела плажа да има натпревар - кој има најмал чадор за сонце и под кој чадор ќе собере најмногу луѓе. Гледам, на цела плажа нема и два исти чадора. И, со трн да бараш, нема ниту еден чадор што е целосно читав, со сите жици. На сите им фалат по една до две жици. Доаѓаме еден ден порано и земаме лежалки во првиот ред, одма до езерото. Сакаме да лежиме гледајќи во водата. Арно ама, уживањето траеше само некои 5 минути. Само што се испруживме, кога ете ти, на тој мал, навистина мал простор од нецели 50 см. меѓу нашите лежалки и водата - удобно се смести цело едно семејство - мајка, татко и три деца. Всушност беа пет, оти едното вредеше за три! Ништо од нашето уживање во езерото. Најгласни од сите цело време всушност беа татковците. Лежам и не можам никако да се опуштам, оти од водата се слушаат страшни урлања и извици. Си велам, ајде, нека, па си играат со дечињата, одмор им е. Ама, не било така. Гледам подобро, во плиткото се собрале едно десетина таковци и најдетски си играат и врескаат! Главен натпревар беше кој ќе направи поголема глупост. Врвот на смеата беше кога еден се затрча накај брегот како да ќе излезе од водата и одеднаш со сите свои 120 кила се фрли пак наназад во водата. Цепки! Децата уживаа во претставата на своите таковици, а мајките си седеа под чадорите, гледаа накај водата и си гувееја. Без да се мрднат, без збор да кажат. Кај 2 часот попладне доаѓаат младите. Како по некое правило - секој има по три работи со себе: пешкир, мобилен и цигари. Седнуваат на најжешкото сонце без чадор, и ги горат своите веќе препечени болно-розеви кожи. Главен знак дека на плажата веќе има илјада луѓе ни беше пената која се појавуваше на езерото, иако во вода не можеш да одиш и да сакаш. Мораш некому да му ја згазиш главата, а скоро на сите - нозете. Барем не жежи кога одиш по песокот, оти воопшто и не газиш по песок, туку по пешкирите на луѓето. Желбата за одење во вода ја убиваше и помислата дека на целата таа плажа, со сите тие илјадници луѓе немаше ниту едено веце! Ајде ние претрчувавме до хотелот кој ни беше на 10 минути. Ама каде оде сите овие луѓе, не знам. Урликањата на родителите главно одеа вака: -Излагај од вода гомнар еден!, му вика на својот син еден татко кој држи цигара во устата, има стомак како да голтнал лубеница од 10 кила, а на вратот му виси 100 грамски златен синџир со пола црква обесена на него. И, како по правило, одеднаш мајките и таковците ги сменија улогите. Татковците полегнаа под чадорите со по едно пивце, а мајките изрипаа и почнаа да ги учат своите деца да пливаат, да одат, да прават фигури во песокот. Конечно! Се извадија и кофички и лопатки. Наеднаш плажата стана како од времето кога ние одевме на одмор со нашите родители. Кога главен предуслов за воопшто да се појавиш на плажа беа кофичка со цел сет од алатки и пластични сандали во разни бои купени од Планика на ќошот на сегашна улица Македонија. Иако е 2.30 никој не помислува да се покрие, облече, затскрие. Мислам дека во последно време критериум за тоа како си поминал на одмор не е како навистина си поминал, туку колку ќе поцрнеш.

Прошетка по Охрид
Во најтоплото, оставаме се на плажа и одиме во градот, да поуживаме кога нема никој по улиците. Е, ова е навистина една сосема друга слика. Дами со огромни сламени шешири уживаат во некој коктел, завалени во сенката на терасата на некој ресторан во стариот град, а други со чаша студено бело вино се насладуваат на парче „забранета-за-лов“ охридска пастрмка. Откако ја забранија охридската пастрмка, по менијата насекаде е прешкртан зборот „охридска“ и стои само пастрмка, иако кога ќе прашаш за пастрмката, сите со едно намигнување со окото ти кажуваат дека е калифорниска. А фино им рече министерот: -Ја забранивме за да имаме да ја јадеме по десет години! Уште нешто не ми е јасно никогаш. Како, по толку години и по толку туристи, охриѓани никако не научија како да готват пастрмка?! Има исклучоци, ама навистна ретки. Дури да ти е жал за рибите. Кога сум кај охридските ресторани, морам да им одадам признание дека ми приредуваат едни од најзабавните моменти во животот со своите менија. Ги читам од корица до корица, како најзабавна книга. И немало некаде, а да не е така. Во секое ново мени има нова глупост, главно поврзани со преводите на јадењата на Англиски јазик, а на сортите вина на Македонски. Единствено Каберене Севињон речиси секаде е Шевињон. Другото се е различно и секој ресторан си има свое креативно достигнување во преводот. Препорака: Ако ви е топло или досадно, одете во некој ресторан во Охрид побарајте мени и без промашување - ќе си поминете супер! Нема промашување и кај досетливоста на келнерите. Уживајте! Не дека сум некој фан на бугарската кауза, ама морам да кажам дека кога шеташ во празниот Охрид додека сите се на одвратните плажи, како сите бугарски туристи токму тогаш да решиле да дојдат и да уживаат во вечната убавина на стариот град. Сите во рацете држат по некоја книга и фотопарат, а на главите имаат шешири. И, сите одат во семејства. Да ги гледаш од страна тоа личи како на час од настава во природа. И како да се на натпревар по знаење. Еден кажува, а другите го надополнуваат кога зборуваат која црква од кој век е и што е значајно во врска со неа. Друг муабет е што мислат дека тоа се нивни цркви. Како и да е, има нешто значајно и свечено во начинот како го доживуваат сето ова.

Лесковачки роштиљ
Сум се лажел кога долго време мислев дека плажите се можеби најодвратното нешто во Охрид. Тргнав по патот над плажите од Славија накај Горица. Кога бев мал ова беше едно од најубавите места за прошетка. Што да видам?! Кошмар!!! Патот од земја, облаци од прашина, а од двете страни на патот наизменично наредени - приколки со лесковачки роштиљ и купишта ѓубре. Од време на време, меѓу нив ќе се појави и по некое маркетче. Вистински „шпалир на смртта“. Не ни помислуваш овде да застанеш, камо ли да јадеш. Само сакаш, ако веќе си заглавил меѓу приколките, некако да го најдеш излезот. Си викам - кој ли јаде овде? Ама штом ги има толку, според пазарната логика, значи има и такви што јадат. И, зошто лесковачки? Зошто роштиљ? Зошто не македонски, зошто не скара, иако и тоа не е нешто со што би се гордееле?! Одговорите дојдоа многу брзо. На враќање. Уморни, моравме да одиме побавно и бидејќи беше единствен пат - повторно да поминеме низ шпалирот на смртта. Млади, дотерани луѓе чекаа во редици да купат парче смрдено, препечено месо на плу 40 степени за 150 денари. Труењето беше гратис! Гледам, во сето тоа лудило по роштиљ - пред една прикалка која изгледа како сите и чие месо не е по ништо различно од другите - нема никој. Читам: Македонска скара. Немаше жив човек. Влеговме во еден маркет да купиме вода. Како влеговме, така не удри шок. Како никогаш да не чуле, ниту виделе еркондишн. Ајде за луѓето, ама ќе им се расипе стоката. Се се продава на плус двеста! Стигнавме до фрижидерите со вода и - како што е нормално, сите шишиња беа жешки. Кој по ѓаволите би пиел врела вода на плус 40?! Веројатно никој, па затоа и фрижидерот беше полн со топла вода која никој не ја купува. А производите во маркетот, хаотично наместени. До лебот, алкохолот, па компири, па до нив папучи, па јогурт, па пиво. Прво да се начукаш, па да се отрезниш. Сепак купивме две мали шишенца млака вода по цена од три големи од по 1,5 литар и излеговаме надвор, каде личеше на климатизирана просторија споредено со продавницата. Пресекуваме преку купишта ѓубре кои ја делат улицата и неколкуте помали, луксузно опремени плажи. Меѓу лежалките и лаптопите со интернет на плажата и ѓубрето има цели 50 цм. Уживање! Побрзавме да го напуштиме овој за нас дотогаш непознат и речиси виртуелен свет во кој, пак, стотици други луѓе уживаа.

Нема коментари:

Објави коментар