сабота, 7 август 2010

Одам пак во Охрид. Јупииии...

Кога пред две години морав да одам на одмор во Охрид и по тој повод го напишав мојот прв блог, мислев дека е забавно и дека никогаш повеќе нема да си дозволам да завршам на лето во Охрид. Еее, сум се зафркнал. Судбината, ама навистина - судбината сакаше и лани да одам во Охрид. И, за разлика од лани кога судбината беше лоша, годинава - исто така судбината, но онаа добрата, наложи повторно, ПО ТРЕТ ПАТ во три години, мојот скапоцен, долгоочекуван и многу потребен летен одмор (неееееееееееееееееееееееееееее) повторно да го поминам во Охрид. Не, годинава нема да се нервирам. Веќе ми е трет пат и ќе се обидам да бидам кул. Но, секако, ќе пишувам. И ќе ставам слики. Не мислам дека ќе биде толку интересно како пред две години кога, прв пат по повеќе од 20 години, отидов на летување во Охрид, затоа што овој пат ќе се обидам да ги избегнувам сите оние места за кои пишував тогаш, а кои - кога еднаш ќе ги доживееш, веќе не се интересни, туку стануваат жални и, навистина иритантни.
Е па, ај чао.

Охрид – третпат

Во Охрид сум на одмор, по третпат во последните три години. Еве нешто за почеток: Седнуваме во истиот кафиќ на плажа од лани и порачуваме, меѓу другото, „кисела вода без лимон“ на што келнерот одма отсекува: -Не се секирај, и онака не даваме лимон со водата! Велком во Охрид, си реков. Вечерта шетам по шпалирот со скара, оној истиот од лани и преклани. Што да видам. Од петнаесеттина распламтени скари од лани, годинава останале само две-три. Другите затвориле. Знам дека има помалку туристи, па нормално да има и помалку скара, ама нешто не ми иде во глава економскава логика, оти чичкото со лежалки на плажа на кои и лани и преклани, а сигурен сум и годинава – ние сме единствените што изнајмуваме, додека сите други лежат на едниот метар квадратен од страна, не затворил и уште си отвора секој божји ден. Барам логика во затворените скари и – ја наоѓам. Затворила „Македонската скара“ и сите оние на кои пишува само „Скара“, додека останале во бизнисот само скарите на кои пишува „Лесковачка скара“. Нема што – бренд није шала!

Многу работи се исто од лани, но има и новитети. Прво за новитетите.

Од неколкуте хотелчиња на сама плажа (не знам кој им даде дозвола за градење оти е сепак зона забранета за градење, ама тоа е друга приказна), ечи српска музика, еден хард-кор турбо фолк, од кој дури и лесковачка на 50 степени личи како префинето јадење на ексклузивна локација!

Другиот новитет е што, за разлика од лани кога на плажа сите буљеа наоколу и се досадуваа – не дај Боже некој да чита книга, годинава сите зборат на мобилни. Ама сите! И тоа не да се тргнат на страна, ем за да не им го слушаш муабетот, ем да не им пречат на другите кои дошле на одмор, туку се дерат на цел глас. Ем за да ги чујат сите наоколу, ем да им пречат на другите што дошле на одмор. А муабетите... Милина за душа. –Каде си бе? Ај иди ваму, ние веќе го кладовме газот ввода!

Уште една новина годинава се таблите што стојат до чадорите и лежалките за изнајмување на кои, нешто како хаус рулс, пишува што е забрането. Замисли, прво што е забрането е користење на лежалките без плаќање. Замисли!? Најголем впечаток сепак ми остави втората забрана – забрането е внесување храна и пијалаци од надвор! Види богати. Значи, ако сакаш да си земеш сендвич на плажа за да не јадеш „лесковачка“ или на пример густ сок за да не пиеш Пепси и Миринда, нема шанси. Веднаш ќе бидеш избркан иако си платил 300 или 400 денари за лежалките и тоа со сето право. Истакнале правила, си ги прочитал, јасни се, си ги разбрал, и – нема што. Значи, она што ми се случи лани како непишано правило – сега е преточено во пишан куќен ред на плажата. Лани, уредно си плативме 400 денари за две лежалки и еден чадор. Купивме и две кафиња и две води за кои плативме уште, не знам, некои 250-60 денари. И едно време ни се припија коктели. Го викам детето-келнерче за да му порачам, ми вика – немит. ОК. Одам на соседниот шанк, купувам два коктели и си ги пиеме на нашите лежалки. Доаѓа детето и ни вика: –Газдата рече ома да си ојте! Му викам: -Зошто?! –Да ојде да ги пијте коктелите онаму кj шчо сте ги купиле! Не ми се веруваше. Нормално, не станав, туку го викнав газдата да ми каже лично, а тој, нормално – не дојде. Е, оваа случка сега е хаус рул намбр 2.

И, нешто последно за денеска, оти тек сум два-три дена овде и ќе пишувам уште, е што вчера, одиме на плажа во 8 за да ги избегнеме гужвите. Седнуваме на истите лежалки од лани, кај истиот газда што не бркаше, кај истиот тој што ни викаше дека водата нормално ја служат без лимон и нема потреба да им се нагласува... и, кога таман се испружив, од соседното купче мажи, жени, деца под еден чадор не заплискува таков еден мирис на пот, онака, да ти одзатне ноздрви! Не ми се веруваше дека некој, во 8 саат сабајле кога доаѓаш од хотел, истуширан, намачкан, налицкан, облечен во чисто – да мириса на пот! Ама ете и тоа го има. Велком бек, си реков уште еднаш. Ту би контињуд.

Охридски бисери

Еве неколку добри охридски бисери што се испечатени во официјална брошура која се вика Мапа на Охрид а која се дели бесплатно по рецепции на хотели и шанкови на кафиќи: центар - central area, касарна - Army, Дејан Војвода - Deyan Voyvoda, Гоце Делчев - Gotze Delchev.