четврток, 23 април 2009

Дојран, февруари 2007

Кафаната

Супер, сончев и пролетен – да, пролетен ден. Сè што можело да никне – никнало! Само, луѓе – нема. Неколку шетаат по една новоизградена патека покрај езерото и буквално сите тие се сретнавме попладнето во Фук-Так на ручек. Прекрасна, типично маалска кафана. Доаѓаат, пијат по едно кафе и чаша вода и си одат. Само ние остануваме долго, долго, за да можеме сè да видиме, забележиме, уживаме. Главна маса е онаа до шанкот, на која газдата игра табла со долгобрад уметник кој ги насликал сликите што се обесени во кафаната. Многу се убави и на нив Дојран е дури поубав отколку во јаве. А во кафаната, сè е опуштено. Кој и да влезе прво оди да се поздрави кај газдата кој сето време седи на масата и игра табла. Влегува еден човек со сокови, му дава на газдата нешто да потпише, тој потпишува. Ниту гледа кој и што му донел, ниту го гледа документот. Доаѓа рибар, му тупнува на масата еден крап и си оди. Келнерите, кои кога немаат работа исто така си седат на масата, ни да мрднат. Сè е опуштено и спонтано. Од време на време седнува со нив и една жена. Сфаќаме – готвачката. Кога ќе дојде некој и ќе порача нешто, ја снемува. После, ете ти ја пак. Сето ова се случува на масата лево од вратата. Десно – е за гостите како нас – кои не се овде секој ден. Сите други, влегуваат и – автоматски, без дури и да погледнат – одат и седнуваат во левата половина од кафаната. И, тоа што е најинтересно – не зборуваат многу. И газдата и уметникот и келнерите и гостите – сите некако седат и траат. Секој си зема по еден весник и чита. Ако најде нешто важно – го чита на глас, другите слушаат. Келнерите не се воопшто наметливи. Милина. Барам благо и ми велат – има само баклава. Прашувам: -А, тулумба? -Не, само баклава. Правам жална фаца оти ми се јаде тулумба. А келнерот ме гледа и ми вели: -Убава е. И толку. Нема шеги, нема досетки. Порачав една. Беше една од најубавите што сум ги пробал во животот. Тишината ја сече уметникот кој почнува муабет, онака сам од себе. -Ме викаат да шетаме, а јас им викам не се шета во друштво. Се шета сам. Кога си сам, сам си го диктираш темпото, сам си со своите мисли. Вака, во друштво, не е шетање туку само муабетење. Нема фајде од тоа шетање. Настапува тишина, па по десетина минути еден друг од гостите заправа муабет. -Некој украл сеф, ама во него имало само 200 денари. Никој не реагира. Сите молчат. По релаксирано отсуство на разговор не сум сретнал во животот. Супер одмор за стресни луѓе како нас. Нè испратија онака како што нè дочекаа. Никој не забележа дека сме внатре, никој не забележа ни дека си одиме. Надвор истураше. Никаде го немаше она сонце и припекот од пладнето. Надошле темни облаци и се гледаше дека ќе останат на небото уште некое време. И, повторно чудно за мене што никој во кафаната не кажа ниту збор за таа толку драстична промена на времето. А сигурен сум дека за неа знаеја сите.


Собата

Е, ова е приказна за себе! Прво сакавме да земеме соба во еден хотел што ни личеше фин и, имајќи предвид дека е Дојран, не мислевме дека е скап. Само што влеговме на паркингот, ни се затрчаа неколку секјурити. Не можело никако овде да се преспие, хотелов бил само за гостите на казиното! Хмм. Не знаев. Океј. Ќе видат они! Налутени, одма си влеговме во соседниот, стар, фин, руиниран хотел од пред едно 35 години. Соби, колку сакаш. Места, исто така. Одиме накај собата. Реновирани се само влезот на хотелот и првиот спрат. Нагоре - дизајн од 80-тите, ама не ретро, туку баш онака - оригинал. Собата, како што вели еден мој другар, во лимон плаво. Парно нема. Се грее на клима. Климата - на буткање. Аха. Ги тргам четрислојните завеси, драпери и што ти не друго - паѓаат од корнизата. Важно влезе светло и воздух. И - најубав поглед на езерото. Вратата од терасата не се отвора. Удира во корнизата на која висеше завесата што ја бутнав на подот. Влечеме, тргаме, се откачи корнизата, но се отвори и вратата. Мораш да скршиш едно нешто, за да дојдеш до друго. Собата беше навистина чудна. Не сте виделе таква. Ама и забавна. Какви се глупости нема во неа! Над креветот висат три дебели жици од струја. Всушност, две се жици а таа во средината е една од оние портокалови цевки за изолација во кои има жица со струја. Сфаќаме - таму требало да има некакви лампи. Високо над жиците, три отворени дозни за струја. Уште две такви има над тоалетните маси до креветите, на местото каде пред 35 години имало лампи. Толку отворени дупки со дозни и толку кабли за струја да висат во една соба не сум видел ниту во нов стан! Во центарот на собата, на таванот, каде би можело да има некоја сијалица - има само еден огромен противпожарен алармен уред. Лампа единствено има на ѕидот меѓу собата и вецето, чисто од немајкаде. А, да, вецето! Темно кафеави испукани плочки и еден куп запечатени вентили за вода. Колку што во собата има кабли и дозни за струја, овде има затворени вентили за вода што излегуваат од сите страни на ѕидовите. Има и туш кабина, која е само туш, оти тоа кабина не постои. Се тушираш и водата стигнува до собата. Прибор: 2 отворени (рефус) сапунчиња за раце од кои кожата се суши ко шмиргла, 2 мали кесички со брезов шампон за коса и една дебела, полна, кафеава ролна тоалетна хартија која е толку тенка што се троши при само едно одење по нужда. Сакавме да ја држиме подотворена вратата од вецето за да влегува малку топлина од собата кога ќе се тушираме, ама ништо од тоа. Толку мириса на канализација, што не се издржува. Значи, ова е сè што има во собата. Нема ни телевизор, ни телефон, иако приклучок за телефон виси над креветот. Има само жици, дупки и само малку да ги избројам - еден, два, три,... десет штекери. И, само една сијалица. Да, има и еден огромен пајак кој цело време шета и ја менува локацијата. Главно, дење стои блиску до прозорецот, ноќе до сијалцата. Во ѕидот карши креветот, над уште една тоалетна масичка има заковано две шајки. Претпоставувам на нив висела некоја слика кога хотелот бил работничко одморалиште. Еркондишнот не може да постигне. Вратата зјае добри 5 сантиметри и постојано влегува студен воздух. Цената? 850 денари спиење со појадок. Споредено со 50-те евра во Охрид е малку, но ако ја видите собата ќе сфатите дека сумава е позамашна. Освен ако цела поента не е во појадокот, ама за него ќе дознаеме дури утре сабајле.


Струмица

Бидејќи од Дојран видовме сè, вечерта решивме да одиме во Струмица. Утре е карневалот, па си рековме, ајде може е интересно. Патот беше толку темен, со дупки и кривини што бев убеден дека нешто сум утнал и сум зацепал кон некое село. Ама дојдов до една раскрсница на која пишуваше Струмица 24 км. Хмм, си реков, ајде ова ми личи поглавен пат, ќе биде подобро. Патот беше голгота! На некои места имаше ограничување на брзината и на 30 км на час, така што со 30-40, полека и без да сретнеме ниту една, ама ниту една друга кола по пат, некако стигнавме во Струмица. Паркирав во центарот и такви - цели дотерани одиме малку да прошетаме и после да седнеме некаде. Шетањето траеше околу 2 минути и одма на ред дојде седнувањето. Прво ни се пиеше кафе. Не сме некои размазени типови, ама некако не можевме никаде да седнеме. Во кафичите - или имаше толку гласна музика што ќе ти отпаднат ушите, или пак владееше вистинска комеморативна атмосфера. Се сеќаваме дека слушнавме еден кафич на реклама на радио додека доаѓавме и решивме да одиме таму. Го најдовме лесно, ама кафичот - цел прекриен со најлон кеси, како тезга на пазар. Се шетаме веќе полуочајни по плоштадот. Тоа беше финалниот удар! Го прогласувам плоштадот во Струмица како опасен по сите сетила! До вчера мислев дека најгрд плоштад на светот е скопскиот. Ама не. Напуштени згради, скали на сите страни, билборди без ред, редици таксисти, искршени плочки, грд споменик на сирот Гоце Делчев, и - ултра нова мермерна фонтана. Сфатив дека под итно на струмичани треба да им се уреди плоштад каков што заслужуваат. Под итно! Последниот пат кога бев тука, во мај или јуни годинава, имаше дури и жива народна музика. Сега, фала Богу, ја нема ама затоа на сите страни има расфрлено, онака хаотично и без ред светлечки ѕвезди и снегулки, остаток од новогодишниот декор. Знам дека може го чекаат карневалот да заврши за да раскитат, ама што е ту мач е ту мач! Денеска е 17 февруари - 48 дена по Нова година. За карневалот, кој е обележје на Струмица, можат да се стават и други, поубави светилки. Овие само можат да му оздемат од маѓијата. Вака, Струмица, еееј Струмица личи на третораздредна паланка од некоја хардкор комунистичка земја во првите години по колапсот на режимот. Бргу, бргу купивме по некоја грицка и пијачки за во соба и си тргнавме назад кон нашиот Дојран. Одејќи накај колата сакавме да купиме некое списание за во собата без телевизор, ама безуспешно. Сите трафики, а имаше многу, имаа само по три списанија, сите поврзани со готвење. Се вративме во Дојран и бидејќи беше рано, тргнавме да прошетаме малку околу хотелот. Рековме, ајде да го најдеме ресторанот што ни го препорачаа дека имал најубав костреш, за утрешниот ручек. Не направивме ниту два чекора кога не забркаа десетина кучиња, некои поголеми и од нас. Се вративме назад - и таму не чекаа кучиња. Ја најдовме вратата од хотелот, се качивме во собата и - за момент - ни се виде како рај на земјата. Сфативме и дека сме единствени гости, но не сфативме како им се исплатува да имаат многупати поброен персонал на рецепција и во ресторанот од бројот на гостите. Ама, нивна работа. Климата ништо не загреала и од шкафот го вадиме дополнителното, и по правило, секогаш многу прљавото кебенце. Заспиваме, во очекување на појадокот.

Појадокот
Приказната со појадокот почна уште при излегување од собата. Двата спрата симнување надолу беа доволни за да го дознаеме целото мени. Толку мирисаше и мирисаше толку лошо што знаевме дека не чека ужас! Масите со резеда чаршафи, наредени една до друга во должина. Бегаме подалеку од кујната, а поблиску до нешто што ни се виде како вентилација и - опа, седнуваме на една маса до која здогледуваме телевизор. Телевизор! До него печка! Да, да, печка за греење. Ги грее само двете маси до неа. Нашата и таа на која седеа сите од персоналот, но се разбегаа истиот момент кога дојдовме ние. Како да се појавија духови. А баш сакавме да позборуваме со некого. Дојде келнерот и беше првиот наметлив човек што го сретнавме во овие два дена. Прво што не праша беше -Дали се одморивте? Тивко е овде. Ние рековме само по едно „да“. Ни понуди појадок. Класичен избор. Путер и мед, омлет или јајце на око. Ние молчевме. Сфати дека не сме за ништо од понуденото. Изнудивме, прво: кафе, второ: сирење, трето: саламче и четврто: кашкавалче. Стигна кафето, па другото. Кашкавалче немаше. Саламата беше онаа една тенка, посебна, која толку ја јадев кога бев дете, а на која слатко и се изјнајадов, овде во Дојран.

Нема коментари:

Објави коментар